Русија успешно ја тестираше хиперсоничната крстосувачка ракета „Циркон“ на оддалеченост од околу 1.000 километри, соопшти денеска Министерството за одбрана.
Ракетата била истрелана од Баренцовото море и ја погодила целта во Белото Море, се наведува во соопштението.
На видеото објавено од министерството се гледа проектил испукан од брод кој се вивнува кон небото, јавува Ројтерс.
Претседателот Владимир Путин го опиша Цирконот како дел од новата генерација на ненадминливи вооружени системи.
Хиперсоничните проектили можат да летаат девет пати побрзо од звукот, а Русија и претходно тестираше циркони од воени бродови и подморници.
Русија организира тестови на оружје од висок профил за да го потсети светот на својата сила во ракетната технологија.
Минатиот месец изврши пробно лансирање на новата интерконтинентална ракета „Сармат“, која може да носи 10 или повеќе боеви глави и да ги погоди САД.