Русија денеска протера тројца европски дипломати – германски, полски и шведски претставници, поради нивното присуство на нелегалните митинзи за поддршка на уапсениот руски опозиционер, Алексеј Навални, објави ЕУ Обсервер, повикувајќи се на извор од ЕУ.
Според информации на порталот, постапката била реализирана во текот на прес-конференцијата на високиот претставник на ЕУ, Јозеп Борел, и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Москва.
Борел, кој од вчера се наоѓа во официјална посета на Москва, на денешната средба во Москва со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, ја осуди одлуката на Москва да ги протера дипломатите.
Според официјална Москва, посетата на непријавениот и незаконски собир од страна на дипломатите е неприфатлива и таквото однесување не е во согласност со нивниот дипломатски статус. Според тоа тројцата дипломати се прогласени за „персона нон грата“ и треба да ја напуштат Русија.
И германската канцеларка Ангела Меркел, во својата реакција го осуди потегот на Москва, нарекувајќи го протерувањето неоправдано.
Полска го повика рускиот амбасадор на консултации поради протерувањето на полскиот дипломат во Санкт Петерсбург.
– Полската страна очекува дека руските власти ќе ја поништат оваа погрешна одлука, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи на Полска.
Во соопштението се додава дека ако Русија не ја поништи одлуката, Полска „ќе преземе соодветни чекори“.