Русија го информираше Советот на Европа дека го суспендира нејзиното учество во буџетот, што дополнително ги затегнува односите меѓу Москва и најстарата паневропска институција, чија примарна надлежност се прашањата поврзани со човековите права.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи на Русија, шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во телефонски разговор го информирал генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд, дека Русија „повеќе нема да придонесува“ во буџетот на организацијата, се до целосното враќање на правата на руската делегација во институцијата.
Лавров претходно ја осуди „влошената ситуација“ во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) и „жестоката кампања на прогон“ на која се изложени членовите на ПССЕ кои сакаат нормализирање на односите со Русија.
На 18-те руски пратеници на ПССЕ во април 2014 година им беше одземено правото на глас, како санкција по анексијата на полуостровот Крим од страна на Русија.
По воведувањето на оваа мерка, руските пратеници повеќе не се појавија во ПССЕ и над три години ја бојкотираат неговата работа.
– Во исто време, Русија продолжува со значајни работа во Советот на Европа, се истакнува во соопштението на руското Министерство.О
Одлука на Москва за прекин на финансирањето, доаѓа во момент кога ПССЕ е потресено со корупцискиот скандал „Кавијаргејт“, во кој се вмешани негови сегашни и поранешни членови, но и со одземањето на правото на неговиот претседател Пегро Аграмунт да зборува во името на Асамблејата и да претседава со неа, поради контроверзната посета во Сирија, каде за неговата безбедност се грижеа руски војници. Во октомври ПССЕ ќе треба да се изјасни за разрешување на Аграмунт од функцијата претседател.