Русија ја обвини Германија за криење детали за силување на руско девојче во Берлин

Од:

 Под притисок на руските медиуми официјална Москва започна дипломатски напад на Берлин во врска со случајот на 13-годишно руско девојче кое што било силувано во Германија. 
 
На својата годишна прес-конференција, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја обвини Германија за „сокривање на реалноста на политички коректен начин за потребите на домашната политика“.
 
Германските медиуми пренесуваат дека според Лавров во иднина не смее да има повторување на случаи како тој со малата Лиза која што според него „целосно е јасно дека таа не исчезнала доброволно цели 30 часа“.
 
Лавров зборувал во врска со извештаите на руските медиуми според кои „13-годишно девојче од руско имигрантско семејство на 11 јануари било киднапирано во Берлин од страна на луѓе со арапски изглед и било силувано цели 30 часа“.
 
Полицијата во Берлин остро ги демантираше овие информации, тврдејќи дека девојчето било отсутно на кратко а сексуалниот контакт бил на доброволна основа. Полицијата одбива да даде повеќе информации во интерес на приватноста на девојчето и нејзиното семејство. 
 
Во истрагата која што може да доведе до дипломатски спор меѓу Русија и Германија се вклучи и Јавното обвинителство во Берлин. Инцидентот предизвика и протести на руската дијаспора во Германија при што во неколку градови беа организирани протести заедно со антиисламската група ПЕГИДА во кои биле истакнати банери со критика за бегалците и поддршка за малата Лиза. 
 
Според руското Министерство за надврешни работи во во Германија живеат околу 3,5 милиони луѓе чиј што мајчин јазик е рускиот.

Би можело да ве интересира

Кремљ: Ердоган не може да биде посредник во разговорите меѓу Русија и Украина

Русија и Украина разменија 53 заробеници, меѓу нив и активистот и новинар Нариман Џелал

(ВИДЕО) Пожар во студентски дом во Русија, најмалку петмина загинати

Кремљ: ЕУ ќе ја предводат две жени кои не сакаат нормализација на односите со Русија

Четири лица, меѓу кои и деца загинаа во пожар во Русија

(ВИДЕО) Во Русија: Воз со 232 луѓе излета од шините, многумина се повредени