Руските власти наредија итна евакуација на 16-члениот екипаж од истражувачката станица на Арктикот откако сантата мраз на која се наоѓаше лабораторијата почна да се топи, соопштија денеска руски претставници.
Министреот за природни ресурси и екологија Сергеј Донској нареди да се направи план за евакуација на пловечката истражувачката станица Северен пол-40.
– Мразот исчезнува. Во сантата се појавуваат пукнатини, а топењето на мразот ја загрозува понатамошната работа на станицата и животите на екипажот – изјави портпаролот на Министерството.
Во соопштението на руското Министерство за природни ресурси и екологија се наведува дека ако не се реши ситуацијата, би можело да дојде до губење на опремата и загадување на животната средина.
Пловечката истражувачка лабораторија ќе биде префрлена на островот Бољшевик во рускиот дел на Арктикот.
Научниците предупредуваат на се поголемиот број знаци на глобално затоплување на Северниот пол. Агенцијата на Обединетите нации за клима претходно соопшти дека мразот во водите на Арктикот во 2012 година се топел со рекордна брзина.