Русија го блокираше усвојувањето на заедничката завршна декларација на 10. Конференција на ОН за преглед на Договорот за неширење на нуклеарно оружје, јави ДПА.
„На мое длабоко жалење, оваа конференција не можеше да постигне консензус“, рече претседавачот на конференцијата Густаво Златувинен по состанокот.
Некои земји и невладини организации се надеваа дека четиринеделниот форум, што заврши вчера во Њујорк, ќе постави обврзувачки рокови за елиминација на нуклеарното оружје ширум светот.
Игор Вишњевецки, заменик-директор на Одделот за неширење и контрола на оружјето при руското Министерство за надворешни работи, рече дека „за жал, нема консензус за овој документ“. Многу земји, не само Русија, не се согласија со „цел куп прашања“ во нацрт-конечната декларација, рече тој.
Друг руски претставник се пожали дека некои учесници ја користат конференцијата за да се пресметаат со Москва за војната во Украина, наместо да работат на нуклеарно разоружување.
На документот му требаше одобрение од сите 191 страни на договорот, кој е на сила од 1970 година и има за цел да го ограничи ширењето на нуклеарното оружје и на крајот да го ослободи светот од нив.
Критичарите се жалат дека за петте официјални нуклеарни сили – САД, Кина, Велика Британија, Франција и Русија – има различни правила од оние што се потписнички на договорот, а немаат нуклеарно оружје.
Индија, Пакистан, Израел и Северна Кореја исто така поседуваат нуклеарно оружје, според Федерацијата на американските научници, но не се страни во договорот.
Извор: МИА