Романскиот претседател Клаус Јоханис ги повика политичките партии на консултации за формирање нова влада следната недела, откако Парламентот денеска и изгласа недоверба на малцинската влада на премиерот Флорин Читу.
– Романија мора да има влада, се наоѓаме во пандемија, криза во цената на енергенсите … и сега политичка криза. Ни треба зрел став повеќе од кога било. За да им дадам повеќе време на партиите да најдат решение, ќе свикам консултации дури следната недела, истакна Јоханис пред новинарите.
Читу времено ќе ја извршува премиерската функција додека Парламентот не изгласа нов претседател на владата.
Коалицијата на Читу се распадна минатиот месец откако центристичката УСР, релативно нова група, ги повлече своите министри, оставајќи ја без парламентарно мнозинство.
УСР потоа поднесе барање за недоверба, одбивајќи да се врати во владата додека не биде сменет Читу.
Според Уставот на Романија, претседателот Јоханис мора да се консултира со сите парламентарни партии пред да назначи нов премиер.
Најверојатен исход е обновување на претходната коалиција, која имаше мнозинство од 57 проценти, но со друг премиер, согласно единствениот услов поставен од УСР за повторно влегување во владата.