Иран на никаков начин нема да се откаже од своите нуклеарни права, изјави денеска иранскиот претседател Хасан Рохани во говор пред верски лидери.
Иранскиот претседател изјавата ја даде пред средбата во Њујорк, закажана за крајот на септември, меѓу иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон за обновување на преговорите за иранската нуклеарна програма.
По неговиот избор во јуни, Рохани уверуваше дека сака да води „сериозни преговори без да се губи време“ со големите сили и дека е подготвен да дозволи „поголема транспарентност“, без меѓутоа да отстапува од „неотуѓивите права“ на Иран, поконкретно оние поврзани со збогатувањето на ураниум – активност што е главната причина за вознемниреноста на Западот.
– Западот треба да сфати дека нема да постигне ништо со закани и притисоци, изјави уште Рохани, чија земја е обвинета дека се обидува да се здобие со нуклеарно оружје.
Техеран ги отфрла овие обвиненија.
Иранскиот претседател соопшти дека „прво ќе се водат преговори во Њујорк (меѓу Зариф и Ештон), по што тие ќе продолжат на друго (неутврдено) место со групата 5+1″, во која влегуваат петте постојани членки на Советот за бебзедност на ОН – САД, Русија, Кина, Франција и Велика Британија и плус Германија.