Родителите на црномурестото момче Трејвон Мартин денеска изјавија дека се шокирани од ослободителната пресуда на Џорџ Цимерман за убиството на нивниот син, обраќајќи се првпат во јавноста по минатонеделната одлука на судот.
Сабрина Фултон и Трејси Мартин, гостувајќи во три утрински програми на националните телевизии, изјавија дека очекувале осуда, додавајќи дека на овој начин се испраќа грозна порака до другите афроамерикански момчиња.
Според нив, поротата која го ослободи Цимерман не знаела каков бил нивниот син, како и фактот дека тој не бил личност која влегува во судири.
– Посакувам да имаа можност да видат кој е всушност Трејвон и потоа да ја донесеа одлуката, рече мајката Сабрина.
Родителите на шеснаесетгодишниот Мартин додадоа и дека се уште не одлучиле дали ќе покренат граѓанска парница против Цимерман.
Цимерман го уби младиот Мартин на 26 февруари минатата година, по краток вербален судир и тепачка во градот Санфорд, на Флорида.
Цимерман бил припадник на таканаречената локална стража, која ја сочинуваат волонтери, кои се грижат за спречување кражби и грабежи.
Мартин се враќал од продавница кога му пришол Цимерман и го прашал што бара тука. Тогаш дошло, прво до вербална, а потоа и до физичка пресметка, во која Цимерман во еден момент извадил пиштол и пукал во тинејџерот.
Поротата заклучила дека нема основи Цимерман да се прогласи за виновен за убиство од втор степен, бидејќи се наоѓал во опасност, затоа што црномустестото момче го тепало во моментот кога овој потегнал по оружјето.