Слободата на медиумите во светот е во „голем и загрижувачки пад“ поради притисокот на властите и корпорациите, соопшти меѓународната организација „Репортери без граници“ (РСФ) во денеска објавениот годишен извештај.
Состојбата на слободата на медиумите е деградирана во сите региони во светот во 2015 година, особено во Северна и Јужна Америка, кои прв пат се зад Африка во годишната класификација на организацијата.
Според „Репортери без граници“ голем број од светските лидери шират параноја меѓу новинарите и преземаат остри мерки против медиумите, а известувањето за настаните од приватните медиумски компании се повеќе е определено од корпоративните интереси.
Како основни причини за тоа РСФ меѓу останатото ги наведува зголемените авторитарни тенденции во земјите како Турција и Египет, поголемата контрола на владите врз државните медиуми, дури и во некои европски земји, како што е Полска, и се потешката безбедносна ситуација во повеќе држави, меѓу кои Либија и Бурунди или пак целосен хаос во некои од нив, како Јемен.
– Опстанокот на независното известување е се понеизвесен, како во државните, така и во приватните медиуми поради заканите од идеологиите, особено верските, кои се непријателски настроени кон медиумските слободи, нагласува РСФ.
Организацијата истакнува дека ширум светот олигарсите ги купуваат медиумите и вршат дополнителен притисок, кој веќе постои од страна на владите.
Индексот на слободата на медиумите во 180 држави, кој се објавува од 2002 година досега, е поврзан со серија одвоени показатели: плурализмот, независноста на медиумите, автоцензурата, законите, транспарентноста, опкружувањето и друго.
– Сите показатели бележат влошување. Многу државни органи се обидуваат да ја вратат контролата врз медумите во соодветната земја, стравувајќи од премногу отворена јавна дебата, изјави Кристоф Делоар, генерален секретар на „Репортери без граници“.
Падот на медиумските слободи е регистриран на сите континенти и додека во САД тој изнесува 20,5 отсто, во Европа и на Балканот е 6,5 отсто, се вели во извештајот.
– Навлегуваме во нова ера на пропаганда, кога новите технологии нудат евтина можност за ширење информации. Денес за сите власти станува се полесно да и се обраќаат директно на публиката преку новите технологии, додаде тој.
Финска го задржува првото место според индексот на медумска слобода шестта година по ред, а по неа се Холандија и Норвешка.
Иако Европа останува зона, каде медиумите се најслободни, некои земји, како на пример Полска, бележат драстично влошување во оваа сфера, бидејќи властите ја зајакнале контролата врз медиумите (Полска е на 47. место, за разлика од лани кога беше на 18. позиција).
Во Унгарија Владата исто така се обидува да ја ограничи слободата на медиумите, според извештајот.
Во Франција (која паднала за седум места од лани и сега е на 45. позиција) голем број бизнисмени со интереси надвор од медиумската сфера поседуваат значително мнозинство во приватните медиуми на национално ниво.
Новинарите на Блискиот Исток и во Африка се жртви на тероризам, вооружени конфликти и закани од властите. Во Латинска Америка работата на новинарите е ограничена од организираниот криминал, насилството и корупцијата, а новинарите во САД биле подложувани на кибер следење.
Според извештајот, слободата на медиумите бележи пад и во демократските држави во Источна Азија како Јапонија и Јужна Кореја, а во Кина ладе „Комунистичката партија го зајакнала притисокот до нови нивоа“.
Во постсоветските територии слободата сериозно се влошува, каде многу земји го следат примерот на Русија, каде критичарите на владата се подложени на истраги.
Исклучок е Украина, каде има подобрување, благодарение на намалувањето на насилството во источниот дел на земјата и спроведувањето на одредени реформи.