Реконструираната Владата на Египет, предводена од Ибрахим Махлаб положи денеска заклетва пред претседателот Абдел Фатах ал Сиси. Реконструкцијата опфати 13 од вкупно 34 министерски позиции.
Ова е првиот кабинет, формиран за време на владеењето на Сиси, поранешен командант на вооружените сили и министер за одбрана, кој го собори од власт пред една година демократски избраниот петседател, исламистот Мохамед Морси.
Откако на 8 јуни Сиси положи заклетва како претседател на Египет, дотогашната влада поднесе оставка и премиерот доби нов мандат од шефот на државата.
Министрите за одбрана и за внатрешни работи ги задржаа своите функции, како и министрите за индустрија, нафта и туризам. Поранешниот амбасадор во САД Самех Шукри е нов министер за надворешни работи, а универзитетската професорка Наглја ел Ахуани е министер за меѓународна соработка. Новиот кабинет вклучува четири жени и неколкумина технократи.
Премиерот Махлаб се заколна пред претседателот Сиси дека ќе работи во одбрана на републиканското уредување, ќе ги почитува Уставот и законите, целосно ќе ги заштитува интересите на народот, независноста на нацијата и безбедноста на земјата.