Германскиот канцелар Ангела Меркел и британскиот премиер Дејвид Камерон денеска и утре во Берлин ќе разговараат за заложбите на Велика Британија за реформирање на Европската унија.
Камерон смета дека на ЕУ и се потребни реформи за да им се овозможи земјите-членки, посебно на оние кои не се во еврозоната, меѓу кои е и Велика Британија, да не бидат обврзани да ги спроведуваат сите одлуки што ги донесува Брисел.
Покрај разговорите за британските барања за „флексибилна ЕУ“ двајцата шефови на влади, како што е најавено ќе разговараат и за Самитот на Групата Г8, чиј домаќин во јуни е Велика Британија, а кој ќе се одржи во Северна Ирска. Камерон и Меркел ќе разговаат и за ситуацијата во Сирија, на што посебно инсистира официјален Лондон.
Пред да отпатува за Берлин, Камерон изјави дека најдоброто решение за Велика Британија би било „членство на земјата во реформирана ЕУ“.
Тој претходно ја предупреди ЕУ дека Лондон ќе бара преговори со Брисел за нова договор околу британското членство и најави референдум за останување или напуштање на Унијата, кој би се одржал до 2017 година, доколку неговата Конзервативна партија победи на парламентарните избори во мај 2015 година. Сега Камерон се обидува да докаже дека е „потребна една поинаква и пофлексибилна Унија“, па неговата посета во Берлин се оценува како дел од европската турнеја за „шармирање“ на европските партери.
Германија и Франција се против намерите на Британците за нова спогодба со Брисел, но Меркел смета дека треба да се сослушаат британските предлози, како и дека за нив може да се разговара.
Во Берлин, Камерон е заедно со сопругата Саманта и нивните три деца. Меркел заедно со нејзиниот сопруг вечерва и утре ќе останат со семејството на Камерон во еден замок од 18 век крај Месенберг, кој е службена резиденација на германкиот канцелар.