Швајцарските бирачи денеска на референдум гласаат за укинување на задолжителниот воен рок, а се очекува дека оваа земја нема да го прифати европскиот тренд за воведување на професионална војска.
Резултатите од анкетите пред референдумот покажуваат дека две третини од бирачите веројатно ќе го отфрлат укинувањето на задолжителната војска, за што се залагаат пацифистите, поддржани од левоориентираните партии.
Десницата, парламентот и коалициската Влада се против укинувањето на воената обврска.
Швајцарија не била нападната уште од почетокот на 19. век, иако имало масовни мобилизации поради двете светски војни. Воената неутралност беше камен-темелник на нејзината одбранбена политика цели два века, а војниците на отсулужување воен рок оружјето го чуваат дома и учествуваат во спасувачките операции или обезбедуваат меѓународни самити.
Приврзаниците на задолжителниот воен рок велат дека тоа е неопходно во свет со променливи закани, што категорично го отфрлаат оние кои се залагаа за референдум.
„Овде, во срцето на Европа, нема да можеме сериозно да сфатиме инвазија на Швајцарија во следните 15 или 20 години. Задолжителната воена служба е инструмент креиран за војните од минатото“, вели Тобијас Шнебли од пацифистичката група GSoA.