Граѓански активисти во Швајцарија од државата бараат да распише референдум за предлогот да се воведе основна плата за сите возрасни лица.
Комитетот за граѓански активизам бара сите возрасни лица, без исклучок од државата да добиваат месечна плата во износ од 2.500 швајцарски франци (2.040 евра), со цел да се обезбеди финансиска сигурност на целата популација, пренесе „Ројтерс“.
Организаторите на референдумот на швајцарските власти им предадоа повеќе од 100.000 потписи на граѓаните, а потоа пред зградата на парламентот во Берн донесоа камион со осум милиони монети за секој Швајцарец по една.
Швајцарските закони им дозволуваат на граѓаните да организираат популарни иницијативи со кои гневот на јавноста се насочува директно во политичка активност.
Во државата вообичаено се оддржуваат по неколку референдуми годишно.
Во март годинава, швајцарските гласачи изгласаа воведување на една од најстрогите контроли над платите на раководителите на компаниите, па јавните претпријатија мораа на акционерите да им дадат право на глас за компензација за раководителите.
Елена Георгиевска