Иран денеска го осуди вооружениот инцидент во трговскиот центар во Минхен, во кој 18-годишен Германец со иранско потекло уби девет луѓе, а повреди 16.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Бахрам Гашеми го осуди „убиството на невини луѓе без можност да се одбранат“ и изрази солидарност со германската Влада и народ, јави иранската државна агенција ИРНА.
Тој исто така апелираше на сеопфатна и бескомпромиска борба со цел да се искорени насилството.
Претходно, Белата куќа најостро го осуди вооружениот напад во Минхен.
– Ние се уште не ги знаеме сите факти, но знаеме дека во овој гнасен чин убиени и повредени се многу луѓе во срцето на еден од најживите градови во Европа, истакна портпаролот на Белата куќа. Џош Ернест.
Тој додаде дека американски претставници ќе соработуваат со германските колеги.
Претходно, американскиот претседател Барак Обама вети поддршка за Германија.