САД се најдоа на удар на остри критики на 14 други држави членки на Советот за безбедност на ОН, за одлуката да го признаат израелски суверенитет над Голанската Висорамнина, бидејќи тоа претставува кршење на резолуција на највисокото извршно тело на Светската организација.
Говорниците, еден по друг, на седницата на ОН го поддржаа суверенитетот на Сирија над Голанската Висорамнина.
Истовремено ја критикуваа израелската анексија на Голанската Висорамнина и одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да призне суверенитет на Израел над таа област.
– Тој едностран потег не помага во пронаоѓање на долготрајно мирно решение на судирот на Блискиот исток, истакна амбасадорот на Јужна Африка Џери Матџила.
Тој, заедно со другите говорници, укажа на резолуциите, со кои Израел се повикува да ја заврши окупацијата врз Голанската Висорамнина. Меѓу резолуциите е и таа од декември 1981 година, со кои израелската анексија на таа стратешки значајна област се прогласува за „неважечка и без правен ефект“.
Русија, најблискиот сојузник на Сирија, ги повика власите и натаму да ја сметаат Голанската Висорамнина за територија под окупација на Израел.
– Ако кој било е во искушение да го следи тој лош пример, го повикуваме да се воздржи од таа агресивна ревизија на меѓународното право, наведе заменик амбасадорот на Русија, Владимир Сафронков.
Германскиот амбасадор Кристоф Хојсген и британската амбасадорка Керен Пирс, го искористија состанокот да ја критикуваат Владата на сирискиот претседател Башар ал Асад, поради бомбардирањето цивили, употреба на хемиско оружје и кршење на човековите права во текот на осумгодишниот судир.
Американскиот политички координатор Родни Хантер наведе дека УНДОФ, мировни сили распоредени на Голанската Висорамнина, чиј мандат истекува на 30 јуни, имаат „клучна улога во зачувување на стабилноста меѓу Израел и Сирија“.
Хантер посочи дека американското признание на израелскиот суверенитет на Голанската Висорамнина не влијае на договорот за прекин на огнот од 1974 година, ниту „на кој било начин се загрозува мандатот на УНДОФ“.
Сирија во писмо, со кое побара состанок на СБ, го окарактеризира САД како „неподнослив прекршител“ на резолуциите на СБ, а Северна Кореја издаде соопштение во кое ги поддржува „напорите на сириската Влада и народот да ја вратат окупираната Голанска Висорамнина“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп во понеделникот потпиша декрет со кој го призна израелскиот суверенитет над Голанската Висорамнина.
Русија и Сирија, како и клучните европски држави, како што се Германија и Франција, изразија противење на таквиот едностран акт.