Грузија ќе стане членка на НАТО и ниту една земја нема право да се меша во одлуките на Алиајансата, денеска јасно порача генералниот секретар на организацијата Андерс Фог Расмусен.
Ако целта на конфликтот од 2008 година беше мешање во одлуката на НАТО за политиката „на отворени врати“, мешањето во политиката на проширување, сакам да Ве уверам, не ја постигна целта.
Ниту една трета земја нема право да се меша во одлуките на Алијансата, предупреди Расмусен на заедничката прес конференција во Тбилиси со грузискиот претседател Михаил Саакашвили.
Тој подвлече дека „независните држави имаат право сами да одлучуваат за прашањето за својата соработка со НАТО“.
Се надеваме дека Русија ќе ја почитува оваа одлука, изјави тој.
Грузискиот претседател, кој е цврст сојузник на Западот, соопшти дека неговата земја ќе продолжи по својот курс на приклучување кон НАТО.
Русија повеќе пати ја предупреди Алијансата да не ја прима Грузија во своите редови.
Двете земји водеа кратка петдневна војна во август 2008 година, што заврши со воен неуспех за Грузија.