Египетски демонстранти, разлутени поради подобрувањето на односите со Иран, се обидоа денеска да упаднат во домот на ирански дипломат во Каиро, јави ДПА.
Силите за безбедност ја попречија групата радикални исламисти, кои демонстрираа пред резиденцијата на Амани Моџтаба, да влезат во неа. Моџтаба го предводи секторот за иранските интереси во Каиро.
Исламистите протестираа и против одлуката на египетските власти да им дозволат на Иранците да го посетуваат Египет, што се случува за прв пат по повеќе од 30 години.
Радикалните исламисти, во овој случај салафисти, го обвинуваат Иран дека се обидува да го пропагира шиизмот во Египет, каде преовладува сунитското учење на исламот.
Каиро и Техеран ги влошија односите по Исламската револуција во Иран во 1979 година и мировниот договор меѓу Египет и Израел, потпишан истата година.