Рускиот претседател Владимир Путин пред изборите за Државната дума изјави дека учеството на изборите претставува заеднички придонес кон победата на Русија. Граѓаните на Русија знаат за што се бори нивната татковина, рече рускиот лидер.
„Знаеме за што се бори Русија и каква е должноста на секој нејзин граѓанин“, рече шефот на државата. Изборите во Русија ќе бидат одговор на оние што сакаат да ја ослабат Русија и да ѝ го одземат суверенитетот, истакна тој.
Парламентарните избори во Русија ќе покажат дека никој нема да може да ја растури земјата или да ги заплаши нејзините граѓани.
„Никому нема да му успее да ја растури земјата, ниту да нè заплаши или да ги поткопа нашата државност и политички систем“, истакна тој.
Според него, храброста и верноста кон татковината што ги покажуваат руските војници и офицери служат како пример за целата земја, пренесува „Спутник“.
„Победата на бојното поле ја коваат нашите херои. Кон таа победа придонесуваат и сите оние што чесно работат за татковината и ја разбираат својата одговорност за нејзината иднина“, рече рускиот лидер во своето традиционално обраќање пред изборите.
Путин истакна дека жителите на Донбас и Новорусија за првпат ќе избираат пратеници во Државната дума по повторното обединување со Русија.
Во Русија е во тек значајна и, во многу погледи, одлучувачка изборна кампања, забележа шефот на државата.
Изборна кампања од вакви размери се одржува за првпат во услови на специјална воена операција, рече Путин, додавајќи дека гласот на секој гласач е важен.
Тој нагласи дека изборите во Русија се одржуваат строго во согласност со законот и во предвидените рокови.
Изборите за пратеници во Државната дума се закажани за 20 септември. Гласањето ќе се одвива во текот на три дена, од 18 до 20 септември.
