Од рудникот за јаглен Зофјувка во Шлезија, во југозападна Полска, спасувачите во текот на ноќта го изнесоа телото на првиот мртов рудар од десетмината кои вчера останаа заглавени под земја откако во рударското окно дојде до силен потресо со зголемување на концентрација на метан.
По потресот, од 52 рудари кои се наоѓале во тој дел, на длабочина од 900 метри, 42 успеале сами без повреди да излезат од јамата, а спасувачите од вчера изутрина трагаат по десетмината исчезнати.
Спасувачите синоќа стигнале до четворица рудари кои не давале знаци на живот, но морале да се вратат поради високата концентрација на метан, а продолжила друга група која синоќа го извадила телото на 36-годишен рудар, татко на две деца, кој е првата потврдена жртва на несреќата.
– Концентрацијата на метан е голема и тоа многу ја попречува спасувачката операција. Мора наизменично да се сменуваат, да останат кратко време, да ја поправат вентилацијата за да можат да продолжат понатаму, изјави денеска Марчин Голембјовски, еден од директорите на рудникот „Зофјувка“.
Додека спасувачите го лоцираа местото на четворица исчезнати рудари без знаци на живот, сè уште не е познато каде се преостанатите шест, за кои исто така се стравува дека црниот биланс од несреќата ќе го зголемат на 10 загинати, иако спасувачите се надеваат дека сепак е можно да има преживеани.
Само неколку дена пред силниот потрес во рудникот Зофјувка во блискиот рудник за јаглен Пњувек, на истата компанија за јаглен, неколку километри подалеку, петмина рудари загинаа во експлозија на метан, 15 се повредени, од кои шест се уште се во критична состојба, а по куса пауза, спасувачите трагаат по седуммина исчезнати лица.
Полски власти наредија темелна контрола и отворија истраги за двете несреќи.
Извор: МИА