Министрите од новата ирачка Влада се собраа денеска на првата седница во Багдад, предводени од новиот премиер Адел Абдел Махди, пренесува ТАСС.
„Министерскиот совет се собра на првата седница, на чело со Адел Абдел Махди на ново место, надвор од „Зелената зона”, се наведува во соопштението од Кабинетот на премиерот. „Зелената зона “е строго чуван регион во центарот на ирачката престолнина, каде се наоѓаат главните министерства, владини оддели, Парламентот и повеќето странски амбасади, а новиот премиер вети дека ќе преземе чекори за да го отвори за обичните граѓани.
Претходно денеска во Багдад се одржа церемонија за официјално примопредавање на премиерската должност. Досегашниот премиер Хајдер ал Абади му вети на својот наследник дека „ќе го поддржува на секој начин“, а новиот премиер Абдел Махди изјави дека во најскоро време неговата влада ќе ги утврди основните задачи и приоритети на идната власт.