Околу 5.000 лица синоќа се собраа на протест во центарот на Мадрид против спогодбата меѓу Европската унија и Турција за ограничување на приливот на мигранти, пренесе ТАСС.
„ЕУ е нечовечна кон бегалците“, пишуваше на еден транспарент што учесниците на протестот го кренаа на плоштадот „Пуерта дел Сол“ во шпанската престолнина. Тие скандираа пароли за поддршка на мигрантите.
Слични митинзи се одржаа во уште околу 50 шпански града, меѓу кои Барселона и Валенсија.
Шефовите на држави или Влади од ЕУ се собираат денеска во Брисел за да ја разгледаат предлог спогодбата со Турција. Утре нив ќе им се приклучи и турскиот премиер Ахмет Давутоглу.
Шпанскиот весник „Мундо“, цитиран од ТАСС, пишува дека на средбата на врвот на ЕУ шпанскиот в.д премиер Маријано Рахој ќе се изјасни против колективното враќање на мигрантите во Турција, бидејќи тоа е во спротивност со меѓународното право.