Неколку илјади приврзaници на сменетиот египетски претседател Мохамед Морси денеска се собраа на митинг во Каиро, барајќи враќање на власт на исламистичкиот шеф на државата, додека во исот време и неговите противници организираат контрасобир.
По повеќе од две недели откако војска го смени Морси од влста, се уште нема знаци дека на повидок е разрешница на кризата што ја подели најмногубројната арапска земја.
Движењето Муслиманско братство, на кое му припаѓа Морси, повика на демонстрации ширум земјата, обвинувајќи го командантот на Вооружените сили, генералот Абдел Фатах ал Сиси, дека извршил „државен удар“ со тоа што од власта го соборил првиот демократски избран претседател на Египет.
Војската интервенираше по масовните улични протести против Морси, кој беше критикован за неспособност, при што го смени од власта и постава преодна влада, која треба да подготви нови избори.
Во новата влада нема припадници на Муслиманско братство или на некоја од другите исламистички партии кои учествуваа во претходниот владин кабинет.
Приврзаниците на Морси секојдневно се собираат пред џамиите во каирското предградие Наср сити, а само денеска по пладневната молитва на протести дојдоа илјадници лица. – Вечерва, вечерва, Сиси замини се вечерва, извикуваа приврзаниците на Морси.
Во новата влада, Сиси е прв заменик-премиер и министер за одбрана. Тој беше на чело на ова Министарство и во претходниот Кабинет.
Вчера, во своето прво обраќање до нацијата, привремениот лидер на Египет, Адли Мансур изјави дека ќе ја штити земјата од оние кои сакаат хаос и насилство. Мансур изјави дека Египет минува низ решавачки период во својата историја. при што некои се обидуваат да „ја вовлечат земјата во непознато“ и да предизвикаат хаос.
– Тие сакаат овој период да биде вовед во насилство, а ние сакаме да го реализираме концепт за заштита на животот и афирмација на човековите вредности, наведе тој.