Претседателката на Националниот Фронт Марин Ле Пен го нарече „непристојно“ присуството на двата француски министри за надворешни работи Лоран Фабиус и за економија Емануел Макрон на отворањето на новата фабрика на автомобилската група „Рено“ во Алжир, јави дописникот на МИА од Париз.
– Инагурацијата со големи свечености од страна на министрите Фабиус и Макрон на фабриката „Рено“ во Оран во Алжир се покажува како крајно непристојна провокација“, напиша Ле Пен во соопштението за печатот.
– Тоа што една фабрика на „Рено“ се создава во Алжир, зошто да не, но тоа што француските министри доаѓаат да го слават тој настан во моментот кога нашите француски фабрики затвораат и делокализацијата се забрзува, тоа е навредливо за француските работници, стои во соопштението.
Присуството на француските министри на отворањето на фабриката според Ле Пен „докажува дека француските министри не се присилени да го поднесуваат сегашниот економски модел, туку напротив го охрабруваат и да го промовираат. Ќе биде подобро министрите да одат во Брисел во Европската унија и да ја прекинат смртоносната политика на еврото и на целосната слободна размена, по што само ќе имаме шанса еден ден да видиме да се инагурира нова фабрика во Франција, завршува соопштението на партијата од екстремната десница.
Француската група „Рено“ изутринава ја инагурира својата нова фабрика во Алжир, поточно во близината на Оран, што сведочи за обновување на врските меѓу двете земји.
Оваа фабрика е во 51 отсто сопстевност на алжирската држава, додека 49 отсто е во рацете на „Рено“.
Во фабриката ќе се произведува „Рено Симбол Алжир“, модел кој произлегува од моделот Логан, тој ќе биде наменет за алжирскиот пазар.
Годишно фабриката ќе прозиведува 25.000 автомобили со можност прозводството да биде зголемено на 75.000. Инвестицијата за „Рено“ на почетокот беше 50 милиони евра, за на крајот таа да може да достигне до 800 милиони евра.
На пазарот на Алжир, кој е втор по големина во Африка, лани биле увезени 439.000 автомобили во вредност од седум милијарди долари, откако во 2012 беше забележан увоз од 600.000.
Годинава пазарот на автомобили повторно забележува пад за 20 отсто, односно до септември годинава биле увезени 324.000 автомобили во вредност од 4,14 милијарди долари.
Целта на фабриката во Оран не е иста како таа во Танже во Мароко, кој произведе 100.000 автомобили лани во 2013 година воглавно моделите Дачиа Логан, Докер и Сандеро, од кои 90 отсто се за извоз.