Преживеан од „Шарли ебдо“: Убијците пукаа без контрола и не прашуваа за имињата на новинарите

Од:

Лоран Леже, еден од малкумината преживени во атентатот врз францускиот сатиричен неделник „Шарли ебдо“ во Париз, се уште се прашува како успеал да се спаси. Се спасил криејќи се зад една маса во редакцијата, пренесоа француските медиуми.

Репортерот на сатиричниот неделник во средата учествувал во редовното неделно планирање во редакцијата во париското седиште на весникот, кога во него со автомати упаднале двајца мажи.

– Тие едноставно почнаа да пукаат врз присутните, изјави Леже за радио Франс инфо, демантирајќи ја претходната информација дека напаѓачите прашале за имињата на луѓето кои сакале да ги убијат.

– Видов маскиран маж, видов многу крв, видов половина редакциски колегиум на земја. Уште се прашувам како се спасив, објасни тој, опишувајќи го призорот со два збора: „Видов ужас“.

Меѓу 12-те жртви се карикатуристите Шарб, Волински, Кабју,Тинјус и Оноре, како и хроничарот и економист Бернар Марис.

– Состанокот на редакцискиот колегиум завршуваше и одеднаш слушнавме врева како од петарди, по што вратата се отвори и некој човек упадна со повикот „Алах акбар“. Наликуваше на човек од ЖИЖН или РЕД (GIGN, RAID – елитните единици на жандармеријата и полицијата). Имаше качулка на главата, беше облечен во црно, со двете раце го држеше оружјето и почна да пука. Замириса на барут. За среќа успеав да се фрлам зад една маса во аголот. Му побегнав, а пријателите од весникот паднаа, раскажува Леже.

– Се се случи многу брзо. Никој од малата група преживеани уште не може да сфати дека тоа навистина се случи, објасни новинарот.

– Ги видов другите на земјата, ги слушнав истрелите и одеднаш настана тишина. Се стрчавме кон ранетите, ја држев раката на нашиот веб дизајнер, која и натаму се наоѓа во тешка состојба, продолжи да раскажува.

Редакцијата, особено нејзиниот шеф Стефан Шарбоние, кого го нарекуваат Шарб, уште од 2006 година знаела за заканата откако весникот објави карикатури на исламскиот пророк Мухамед, по што следеа смртни закани.

– Шарб се чувствуваше позагрозен од нас, ние бевме апстрахирани од оваа закана, изјави Лоран Леже.

Редакцијата е решена веќе следната недела да го објави новиот број на неделникот. „Ќе направиме нешто. Важно е. Добивма илјадници мејлови, СМС пораки, од сите страни на светот“, изјави тој.

– Не сакам да правиме број-некролог, сакам да направиме број што ќе го изразува предизвикот дека постоиме, предизвикот дека можеме да ги кажеме нештата какви што се, да продолжиме да се бориме против човековата глупост, против помрачувањето, против сите видови фундаментализам, заклучи преживеаниот репортер од атентатот врз „Шарли ебдо“.

Би можело да ве интересира

„Шарли Ебдо“ повторно ги објави карикатурите на Мухамед поради кои беше мета на џихадистите

Ана Ололовска

„Шарли ебдо“ и по пет години по нападот остануива критичар на општетсвото

Ана Ололовска

Џихадистот Петер Шериф почнува со отслужување на петгодишна казна затвор

Ана Ололовска

Во Џибути уапсен џихадист поврзан со нападот врз „Шарли ебдо“

Ана Ололовска

Контроверзна карикатура на „Шарли Ебдо“ за сексуалните напади во Келн

Ана Ололовска

Една година по нападите против Шарли Ебдо и Хипер Кашер

Емир Латифовиќ