Претседателот на Тајван Ма Јинг-џеу, кој придонесе за подобрување на односите меѓу Тајпеј и Пекинг, ја повика Кина да почне со спроведување на политички реформи, за да не се повтори тоа што се случи пред 25 години на пекиншкиот плоштад Тјенанмен, кога властите гу задушија протестите со кои се бараше повеќе демократија.
– Искрено се надевам дека властите на Кина брзо ќе ги поправат своите грешки, со цел да не се повтори трагедијата од пред 25 години, рече тој во традиционалното обраќање по повод годишнината од задушувањето на протестите на плоштадот Тјенанмен, на 4 јуни 1989 година.
Претседателот на Тајван го повика Пекинг да се однесува добро со дисидентите, да ја почитува слободата на говорот, демократијата и човековите права, да продолжи со реформите почнати минатата година, како што е укнувањето на системот на работни кампови за превоспитување, кој овозможува апсења без судска дозвола.
Во Тајпеј вечерва ќе се одржи бдеење со свеќи во спомен на жртвите на Тјенанмен, а се очекува на него да учествуваат околу две илјади лица.