Чилеанскиот претседател Себастијан Пињера ги замоли Чилеанците да му простат за пописот на населението во 2012 година, за кој анкетна комисија утврди дека е толку погрешен, што треба да биде фрлен во канта за отпад.
Ова, според аналитичарите, претставува политички гаф за Владата на Пињера само неколку месеци пред изборите во ноември, на кои се очекува победа на Мишел Бачелет.
Пињера изјави дека Владата ќе побара второ мислење од меѓународни експерти, пред да одлучи дали да организира целосно нов попис или да се обиде да ги корегира грешките.
Независна комисија од експерти, назначена од Владата на конзервативецот Пињера направи анализа на пописот, по што препорача тој да биде поништен и да се организира нов во 2015 година. Комисијата утврди дека 9,3 проценти од вкупно 17,4 милиони Чилеанци, не биле анкетирани.