Подобро од очекуваното поминале преговорите за иранската нуклеарна програма, а според текот на последните разговори во Техеран се чини дека конечниот договор е „на дофат“, изјави комесарот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
На маргините на средбата на Г-7 во Германија Борел изразил задоволство поради деблокирањето на разговорите по оспоруваната иранска нуклеарна програма, посочувајќи дека последната мисија на претставникот на ЕУ, Енрике Мора, на Техеран минала подобро од очекувањата.
„Блокираните преговори се одглавени, постои изглед за постигнување конечен договор“, изјави Борел.
Мора оваа седмица имаше дводневни разговори со Али Багери, главниот преговарач на Техеран по прашањето. Во меѓувреме катарскиот емир, шеикот Тамим Хамад Ал-Тани вчера се сретна со иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, и со претседателот Ебрахим Раиси во обид да се оствари напредок во преговорите.
Со Договорот од 2015 година беа олабавени санкциите против Иран, со гаранции од Техеран за ограничување на нуклеарната програма и гаранции дека нема да развива нуклеарно оружје, нешто што Техеран отекогаш го отфрлал како намера.
Официјално познат како Заеднички сеопфатен акциски план, договорот беше на раб на неуспех, по одлуката на тогашниот американски претседател Доналд Трамп во 2018 година за повлекување од договорот и воведување дополнителни казнени санкции против Техеран. Таквата одлука на Трамп резултираше и Иран постепено да се повлекува од предвидените обврски.
По заминувањето на Трамп заживеаја обидите за исполнување на договорот, во рамки на едногодишни преговори водени со посредство на Мора.
Едно од главните прашања на кои инсистира иранската страна е барањето САД да го симнат Корпусот на иранската исламска револуционерна гарда од листата терористички групации.
Извор: МИА