Учесниците во преговорите за иранската нуклеарна програма изјавија дека се блиску до постигнување договор, пренесе Хина.
„Блиску сме“, напиша на Твитер британската преговарачка Стефани Ал-Куак за време на разговорите посветени на повторното воспоставување на договорот меѓу Иран и САД од 2015 година за укинување на санкциите кон Иран во замена за контрола на забраната за нуклеарно оружје.
Преговорите пропаднаа кога поранешниот американски претседател Доналд Трамп во 2018 година унилатерално ги повлече САД од договорот, по што Иран, исто така, престана да се придржува до многу точки од планот.
Според дипломатски извори, во сегашната фаза од преговорите, дел од учесниците се враќаат во своите престолнини, но доколку е потребно, тие се подготвени да се вратат во австриската престолнина уште утре.
За успех ќе се смета доколку во Виена се вратат министрите за надворешни работи, а не високите функционери кои досега учествуваа во преговорите.
Меѓутоа, главниот преговарач на Европската унија, Енрике Мора, неодамна предупреди дека не треба да се препуштаме на оптимизам без покритие.
Дипломати од Велика Британија, Франција и Германија со месеци работат во Виена за да посредуваат меѓу делегациите на САД и Иран. Кина, па дури и Русија, им помогнаа во посредувањето, и покрај меѓународното несогласување предизвикано од нападот на Украина.
Извор: МИА