Во Израел денеска се одржуваат предвремени парламентарни избори, јави ДПА.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го најави датумот на изборите во октомври минатата година. Редовните избори требаше да се одржат во октомри 2013 година, но беа свикани предвремени поради неуспехот на Нетанјаху да се договори за државниот буџет со коалициските партнери.
Последните анкети покажуваат дека околу 20 проценти од гласачите се уште се двоумат за кого да го дадат својот глас.
Според аналитичарите Бенјамин Нетанјаху ќе остане на премиерската функција, додека неговата коалиција Ликуд-Бејтену ќе биде најголема парламентарна сила со околу 35 места од вкупно 120 пратеници.
Се очекува коалицијата меѓу Ликуд и Израел Бејтену да формира сојуз со десничарски и религиозни партии и да формира комфортно мнозинство над неопходните 61 пратеничко место.
При победа на Нетанјаху постои мала веројатност мировните преговори меѓу Израел и Палестинците да продолжат во брзо време. Идна владејачка коалиција се очекува да биде најдесничарската во историјата на Израел и веројатно ќе биде цврсто против создавањето на палестинска држава и силно ќе се заложи за изградбата на еврејски населби на Западниот брег.