Ирфан Насир (31), предводникот на терористичка ќелија од Бирмингем, која ги планираше досега најтешките терористички напади на територијата на Велика Британија, денеска е осуден од судот во Лондон на доживотна казна затвор. Тој ќе треба да одлежи најмалку 18 години пред да побара помилување.
Според обвинението, Насир, кој е дипломиран фармацефт и експерт за правење бомби, е означен како „високо истрениран и квалификуван терорист“. Тој беше лидер на 11 џихадисти и на групата што планираше осум бомбаши самоубијци со ранци-бомби да убијат најмалку 2000 Британци и да предизвикаат крвав хаос низ британските улици.
Групата на Насир планирала да предизвика многу повеќе жртви и штета од онаа што ја направија бомбашите самоубијци од нападите на 7 јули 2005 година, кога во Лондон беа убиени 52 лица во бомбашки напади врз лондонското метро и еден градски автобус. Истрагата на полицијата, што беше извршена в координација со британското контраразузнавање, открила дека оваа терористичка ќелија се заканувала и со „уште еден 11 септември 2001“, но овој пат во Велика Британија.
Заедно со првообвинетиот Насир, беа осудени и неговите први помагачи и соработници, 27-годишните Ирфан Халид и Ашик Али. Ирфан Калид заработи 18 години затворска казна, а мора да одлежи минимум 12 години, додека Али – 15 години, со минимум 10 години. Тројцата се дел од поголема заговорничка група што беше откриена и разбиена минатата година, а сите нејзини припадници се во затвор или очекуваат да бидат осудени.
Водечката тројка била на обука во логорите на Ал Каеда во непристапните делови од Пакистан. Таму подготвиле и видео снимка со нивните изјави за саможртвувањето во име на Исламот, што требало да се емитува откако ќе бидат изведени терористичките напади на британска територија.