Индиските пратеници денеска одлучуваат за избор на нов претседател на земјата, а двајцата водечки фаворити за оваа главно церемонијална функција се припадници на најниската хиндуистичка каста – Далита.
Прогнозите се дека победник ќе биде 71-годишниот Рам Нат Ковинд, кандидат на владејачката десничарска Индиска народна партија (БЈП), кој до неодамна беше гувернер на источната сојузна држава Бихар.
Негова главна ривалка е 72-годишната Меира Кумар, првата претседателка на Парламентот во оваа земја и поранешна министерка за федерацијата, која ја има поддршката на главната опозициска партија – Индискиот национален конгрес (ИНЦ).
Претседателката на ИНЦ, Соња Ганди вчера призна дека нивната кандидатка има мали шанси за победа.
Претседателот го избираат пратениците на двата дома на Парламентот и на собранијата на сојузните држави.
Гласањето се одвива симултано цел ден во парламентите на Њу Делхи и престолнините на сојузниите држави, соопшти Индиската изборна комисија.
Гласовите ќе бидат преброени до 20 јули.