Најмалку 25 лица се повредени при експлозија на автомобил-бомба во Африн, во северниот дел на Сирија, град кој го контролираат опозициските сили поддржани од Турција, соопшти Сирискиот центар за мониторинг на човековите права, повикувајќи се на цивилната одбрана.
Активисти соопштуваат дека во нападот нема загинати, но оти веднаш по експлозијата уште две лица биле повредени од минофрлачка граната.
Турција и сојузничките сириски борци го зазедоа градот Африн минатата година, протерувајќи ги силите на сириските Курди, кои Анкара ги смета за терористи. Меѓутоа, турското преземање предизвика повеќе напади во тие подрачја со доминантно курдско население.