Потполковникот Исаак Зида се самопрогласи за претседател на Буркина Фасо во телевизиско обраќање кон нацијата.
Тој го повика регионалниот блок Економска заедница на западноафриканските држави и меѓународната заедница да покажат разбирање и да ја поддржат новата власт.
Ваквиот потег на Зида, кој е лидер на група млади офицери, претставува отворен бунт против началникот на Генералштабот на вооружените сили, генерал Набере Оноре Траоре, кој вчера објави дека ја презема функцијата шеф на државата.
Потполковникот ги оцени дејствијата на Траоре како „неприфатливи“.
Претходно досегашниот претседател на Буркина Фасо, Блез Компаоре поднесе оставка по 27 години поминати на власт во оваа африканска држава, откако земјата ја зафатија насилни протести поради неговата намера повторно да се кандидира за нов мандат.
Зида потврди дека Компаоре се наоѓа на безбедно место и нема да има никаков проблем, откако денеска во раните утрински часови се слушнале истрели во близина на претседателската резиденција.