Украинските вооружени сили не пукале во никаква цел во воздухот, изјави денеска украинскиот претседател Петро Порошенко за обвинувањата дека малезискиот авион со 295 патници и членови на екипажот е соборен над Украина.
Агенциите претходно, повикувајќи се на извор од украинското Министерство за внатрешни работи, јавија дека авион на „Малезија ерлајнс“ е соборен над Украина со проектил земја-воздух, во близина на границата со Русија и дека нема преживеани.
-Не исклучуваме дека овој авион бил соборен, но нагласуваме дека вооружените сили на Украина не презеле акција против ниту една воздушна цел, рече Порошенко, пренесуваат американските медиуми.
„Сигурни сме дека оние кои се виновни за оваа трагедија ќе бидат повикани на одговорност“, заклучи украинскиот претседател.
Лидерот на проруските сили на истокот на Украина, Александар Бородај, ги обвини украинските државни сили дека го собориле малезискиот авион, пренесоа британските медиуми.
Во меѓувреме, украинскиот премиер Арсениј Јацењук нареди почнување итна истрага за овој инцидент.
Американскиот претседател Барак Обама на високи функционери од неговата администрација им дал инструкции да останат во тесен контакт со украинските претставници по повод наводите за соборување на авионот, соопшти Белата куќа.
Обама, исто така, разговарал со рускиот претседател Владимир Путин за падот на малезискиот авион, соопшти Кремљ.
Како што пренесоа светските агенции, „Боинг 777“ што летал од Амстердам за Куала Лумпур бил соборен додека бил на височина од 10 километри.
Компанијата „Малезија ерлајнс“ потврди дека го изгубила контактот со својот авион на линијата МХ17 и дека се уште собира релевантни информации.
Во авионот имало 280 патници и 15 членови на екипажот, а агенциите, повикувајќи се на различни извори, веќе јавуваат дека нема преживеани.
Пред да навлезе во воздушниот простор на Русија авионот почнал да понира, а подоцна очевидци го забележале запален на украинска територија.
Антон Герашенко, советник на министерот за внатрешни работи на Украина, на својот профил на Фејсбук напиша дека авионот исчезнал од радарот на висина од 10.000 метри, кога бил погоден од ракета истрелана од лансирна рампа „Бук“, по што се урнал во близина на градот Шактјорск.
Американски медиуми, пак, јавиваат дека нивни новинари претходно денеска виделе сличен таков лансер во близина на источниот украински град Снижње.
Британските медиуми ја пренесуваат изјавата на извор од воздухопловната служба дека малезискиот авион е најден како гори на земјата на истокот на Украина.
Таканаречната „Доњецка Народна Република“, во која се водат борби меѓу укранските и проруските сили, ги отфлри наводите за вмешаност во инцидентот наведувајќи дека нивните сили за самоодбрана немаат таква воена опрема, пренесе телевизијата „Раша тудеј“.
Во меѓувреме, „малезија ерлајнс“ на Твитер објави дека го загубила контактот со авионот на линијата МХ17 од Амстердам за Куала Лумпур и дека последната позната позиција на авионот била над украинскиот воздушен простор, додавајќи дека ќе следат повеќе детали за настанот.