Поранешниот јеменски претседател Абдураби Мансур Хадиизбегал од својата резиденција во престолнината Сана, каде веќе неколку недели беше држан во домашен притвор од милициите на племето Хуси, и заминал за својот роден град Аден, пренесоа британските медиуми, повикувајќи се на еден државен функционер и еден претставник на Хусите.
Според локалниот сајт „Ал Ахбар“, што го цитира членот на Политбирото на движењето на Хусите, Али ал Кахум, Хади ја напуштил својата официјална резиденција преоблечен. Кахум негираше дека милициите на Хусите ја ограбиле претседателската резиденција, како што тврдат очевидци, и на потсмев го изложи бегството на поранешниот лидер, изјавувајќи дека нема значење каде тој се наоѓа.
Друг извор, цитиран од британските медиуми, изјави дека Хади ја напуштил Сана со помош на ОН, која ги организираше преговорите меѓу непријателските страни во земјата. На овие преговори вчера се постигна спогодба за формирање преоден совет, што ќе помогне за управувањето со земјата откако Хусите практично ја презедоа власта во Јемен.
Западот е загрижен дека политичкиот хаос и безредијата во Јемен може да и помогнат на групата „Ал Каеда на Арапскиот полуостров“ да подготви нови нападни врз меѓународни цели.
Поранешниот претседател пристигнал во Аден, каде неговите приврзаници одбиваат да ја признаат власта на претседателскиот совет што го формираа Хусите, пренесоа француските медиуми, цитирајќи го помошникот на поранешниот лидер.
Хади патувал од Сана до Аден со колона од десетина автомобили. Минал и низ градот Таиз, што , исто како Аден е надвор од контролата на Хусите.
Засега не е познато дали Хусите му дозволиле на Хади да ја напушти престолнината, позитивно одговарајќи на повикот на Советот за безбедност на ОН тој да биде ослободен од домашен притвор.