Лондонското Јавно обвинителство денеска покрена обвинение против поранешниот британски министер за Европа, Денис Мекшејн поради измами со пратеничките трошоци.
Во соопштението на Јавното обвинителство се вели дека постојат „јаки докази“ дека поранешниот член на британската Влада и лабуристички пратеник ги измамил парламентарните власти прикажувајќи и наплаќајќи повисоки трошоци со „фризирање“ на сметките.
Според наодите од истрагата на полицијата и на Обвинителството, Мекшејн неоправдано од парлментарната каса наплатил вкупно 12.900 фунти. Судењето на Мекшејн по обвинителниот акт е закажано 30 јули годинава.
Во номеври минатата година, Мекшејн поднесе оставка како пратеник во Долниот дом на британскиот Парламент. Во изјавата за оставката тој рече дека ја признава сторената „грешка“, како и дека ги вратил сите пари што неоправдано ги наплатил, објаснувајќи дека не земал ништо за свои лични потреби.
Денис Мекшејн, пред да влезе во политиката, од 1969 до 1977 година работеше во Би-Би-Си. За пратеник прв пат е избран во 1994 година. Од 2002 до 2005 беше министер во Владата на Тони Блер за односи со ЕУ.
Во периодот како министер Мекшејн заговраше проширување на ЕУ кон Западен Балкан, инсистирајќи во Унијата да влезат сите држави од регионот.