Аргентинската разузнавачка служба АФИ им предаде на судските власти 500 досиеја во кои се тврди дека има докази дека владата на поранешниот претседател Маурисио Макри шпионирала околу 400 новинари и речиси 100 други луѓе, јави официјалната новинска агенција Телам, пренесе ДПА.
Постојат сомневања дека во периодот 2015-2019, владата на Макри ја искористила агенцијата за да ги шпионира новинарите – вклучително и странските – во врска со акредитацијата за самитите на Г20 и Светската трговска организација, што се одржаа во Буенос Аирес.
Владата на Макри е исто така осомничена за шпионирање на политичари, водачи на граѓанското општество, научници и претприемачи. Властите барале информации за нивната политичка ориентација и ставовите кон социјалните прашања.
Во 2019 година, конзервативецот Макри ги загуби изборите од Алберто Фернандез, во услови на голема економска криза.