Пратениците на унгарскиот Парламент за свој потпретседател го избраа членот на ултрадесничарската партија Јобик и поранешен скинхед, Тамаш Шнајдер.
Шнајдер, кој во раните деведесети години од минатиот век бил водач на група скинхедси на северот од Унгарија, на првото парлементарно заседание беше избран за еден од шестмината потпретседатели на унгарскиот Парламент.
– Бидејќи сите знаеме какво е моето минато, јас повеќе би сакал да зборувам за своите планови за иднината, изјави синоќа Шнајдер, кој во 1992 година добил условна казна затвор заради претепување еден припадник на ромското малцинство во земјата.
За изборот на Шнајдер на местото потпретседател на Парламентот гласааа 150 од вкупно 199 пратеници, меѓу кои и повеќето од редовите на владејачката десничарска партија Фидес на премиерот Виктор Орбан, која има 133 пратенички места.
Ова беше прво заседание на унгарскиот Парламент откако Фидес повторно победи на изборите на 6 април освојувајќи 44,5 отсто од гласовите и две третини од пратеничките мандати.