Еден од најпознатите шведски политичари во изминатите две децении и поранешен лидер на Социјалдемократската партија, Мона Салин, во периодот по 2010 година, кога како опозициски кандидат за премиер ги загуби парламентарните избори, меѓу другото работи и во хотел, каде што чисти соби, јави дописникот на МИА од Гетеборг.
Инаку, Мона Салин, која во неколку наврати имаше пратенички мандат и министерски функции, пред извесно време од страна на шведската Влада е назначена да ги координира прашањата поврзани со борбата против екстремизмот што поттикнува на насилство и радикализам.
Но тоа не е единствениот работен ангажман што Салин го имала по изборниот пораз во 2010 година. Во едно интервју за весникот „Експресен“ таа открива дека политиката всушност не и недостасува, укажувајѓи дека во слободното време чисти во хотел.
Нејзината ќерка раководи со еден хотел во Хултсфред каде што Мона Салин често доаѓа и помага околу чистењето на хотелските соби.
– Првпат кога тропнав на една врата помислив – “се надевам дека нема никој внатре“. Но, се разбира, некој сепак одговори “повелете“. Кога влегов и реков дека доаѓам од хотелскиот сервис да ја исчистам собата, долго се смеевме заедно со момчето во хотелската соба. Видов по неговиот израз на лицето дека помислил: “Господе боже, зарем толку лошо заглавила“, вели Салин.
Мона Салин беше првата жена која стана претседател на шведските социјалдемократи пред десетина години.
– Тоа беше фантастичен успех, но до крајот на животот ќе жалам што не успеав да станам и прва жена премиер во Шведска. Искрено речено, нема да ми биде сеедно и доколку прва жена што ќе ја добие премиерската функција биде од редовите на десничарите, односно од Модератите, потенцира Салин во интервју за „Експресен“.