„Ова не е како снежен ден кога сте биле дете. Ова е сериозна работа“, изјави американскиот претседател Џо Бајден.
Имено, поради силната арктичка зимска бура, ширум Америка беа издадени предупредувања за повеќе од 135 милиони луѓе. Областа што ќе ги почувствува ефектите од зимската бура се протега сè до Флорида и границата меѓу САД и Мексико. Националната метеоролошка служба (NWS) објави дека деновиве во некои делови од земјата можни се температури до -45 степени Целзиусови.
Тие предупредија на големата опасност од смрзнатини кои се јавуваат при намален проток на крв. Недостатокот на топла крв може да доведе до замрзнување и пукање на ткивото, а во некои случаи и ампутација. Метеоролозите велат дека зимската бура би можела да стане „циклонска бомба“.
Во Канзас се случиле три сообраќајни несреќи со смртни последици. Во секоја несреќа загинало по едно лице, но досега е потврдено дека само еден смртен случај бил предизвикан од временските услови, извести локалната полиција.
Се претпоставува дека поради невремето загинале и уште две лица, но тоа допрва треба да го потврди истрагата.
Според новите информации, над еден милион луѓе се без струја низ САД, а се очекува тој број да се зголеми.
Во некои делови на Јужна Дакота нема доволно опрема за справување со екстремни временски услови.
Менаџерот за итни случаи рече дека работниците се обидуваат да ги расчистат патиштата на кои има околу 3 метри снег во некои делови. Во еден случај, спасувањето на луѓето кои останаа во своите домови мораше да биде прекинато бидејќи хидрауличната течност замрзна, рече тој.
Канада се соочува со слични проблеми како и нејзиниот сосед, а источните држави се меѓу најтешко погодените, пишува Би-Би-Си.
Квебек е најтешко погоден досега, со речиси 120.000 жители без струја, а потоа следи Онтарио со повеќе од 53.000.