Британскиот премиер Дејвид Камерон доживеа синоќа „понижувачки пораз“ во Долниот дом на британскиот Парламент, при гласањето за новиот шестгодишен буџет на ЕУ, оценуваат лондонските медиуми, инсистирајќи дека тоа претставува пораз и на неговата европска политика.
При гласањето, Владата загуби благодарејќи на поддршката што на ториевските пратеници, „бунтовници“ им ја дадоа опозиционите лабуристи, кои гласаа за амандманот на конзервативците, но податокот дека дури 53 пратеници на владејачката партија гласаа против позицијата на Камерон околу европскиот буџет, претставува знак за расцеп меѓу ториевците околу ЕУ и политиката на оваа, главно евроскептична партија, кон ЕУ.
Претставник на партијата призна дека не се очекувал толкав број на пратеници да се определат против сопствениот лидер, но тој го критикуваше однесувањето на лабуристите и на нивниот лидер Ед Милибанд кои помогнаа за „понижувањето“ што му е нанесено на премиерот, како на домашната политичка сцена, така и во Европа. Според овој претставник, Милибанд „успеа да му напакости“ на Камерон, но сега самиот ќе се соочи со проблеми во својата партија околу ЕУ и европската политика, затоа што бројот на евроскептиците меѓу лбуристите е значително помал, отколку кај ториевците.
Новиот судир меѓу Камерон и неговата партиска и евроскептична десница настана откако британскиот премиер обелодени дека во преговорите со европските партнери, околу буџетот на ЕУ до 2020 година, ќе бара негово замрзнување. Во синоќешната дебата тој одново рече дека ќе има британско вето доколку договорот во ЕУ не одговара на британските интереси, но ториевските „бунтовници“ поднесоа амандман, барајќи од Камерон во Брисел да инсистира за намалување на европскиот буџет.
Поразот при гласањето за амандманот, освен што е „шлаканица“ за премиерот, практично ништо не одлучува. Даунинг стрит 10 денеска повтори дека при правење на конечниот договор во Брисел, ќе се тргнува од тоа тој да не им наштети на британските даночни обврзници. Министерот за финансии Џорџ Озборн во изјава за Би-Би-Си рече дека вистинскиот тест за ЕУ буџетот допрва ќе следи, тврдејќи дека ториевците „остануваат обединиети“ околу ЕУ и европската политика.