Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин го отповика договорот за признавање вина постигнат претходно оваа недела за обвинетиот организатор на нападите на 11 септември 2001 година и уште двајца обвинети, што значи дека тие сè уште би можеле да се соочат со смртна казна.
Потегот доаѓа два дена откако воената комисија во заливот Гвантанамо, Куба, објави дека функционерот назначен да го надгледува судењето, пензионираната генерал Сузане Ескалиер, одобрила спогодби за признавање вина со Калид Шеик Мохамед и двајцата обвинети соучесници, Валид бин Аташ и Мустафа ал- Хавави, пренесува АП.
Во писмата испратени до семејствата на речиси 3.000 лица убиени во нападите на милитантната исламистичка организација Ал Каеда, се вели дека договорот предвидува дека тројцата ќе одлежат доживотен затвор во замена за признавањето на вината.
Остин рече дека го откажал договорот за признавање вина што би им овозможил на обвинетите да ја избегнат смртната казна.
Републиканците побрзаа да ја обвинат администрацијата на претседателот Џо Бајден за договорот, иако Белата куќа соопшти дека не знаела за тоа.
Републиканскиот сенатор Том Котон од Арканзас, член на Комитетот за вооружени служби, претходно во петокот го осуди договорот, нарекувајќи го „срамен“.
Тројцата се обвинети за киднапирање и уривање на патнички авиони во Светскиот трговски центар и во Пентагон.