Малик Обама, 54-годишниот полубрат на претседателот на САД, Барак Обама, претрпе неуспех во обидот да биде избран за гувернер во западна Кенија, пренесе ДПА.
Според денеска соопштените резултати, тој освоил едвај еден процент од гласовите во неговиот изборен регион.
Кенискиот сметководител, кој на изборите учествуваше како независен кандидат, собра едвај 694 гласа од излезените над 55.000 гласачи во округот Сиаја.
Победник е Вилјам Одиамбо Одуол, кој освои 56 проценти од гласовите.
Малик и Барак Обама имаат еден татко, но се од различни мајки.
Малик имаше кампања за „промени“, повторувајќи ги паролите на совјот помал брат за надеж и промени од претседателските избори во САД во 2008 година.
Во интервју за ДПА за време на кениската предизборна кампања Малик изјави дека последен пат зборувал со Барак по изборите во САД, а претседателот му ветил дека ќе ја посети Кенија, доколку изборите бидат чесни и транспарентни.
Многу Кенијци беа разочарани од тоа што Барак Обама не дојде во посетата на нивната земја за време на својот прв мандат. Во 2009 година неговата прва посета на Африка беше во Гана.
Барак Обама ја посетил Кенија во 2006 година, кога бил сенатор.