Една бремена седумнаесетгодишна девојка од Полска на сајтот за мали огласи објави продажба на своето неродено бебе, на брачни парови кои не можат да имаат свое потомство.
Цената на бебето изнесува 5.000 евра, со гаранција дека внимава на се што е во интерес на бебето, а во прилог на огласот, приложи и резултат од ехо контролата, како доказ дека бебето добро се развива.
На овој оглас му претходеше понудата на осумнаесетгодишната девојка која што летово заедно со своето момче бараше соодветен брачен пар кој би го купил нивното неродено бебе. Во нивниот случај цената би се усогласила со финансиските можности на купувачите.
Според директорот на Национална и академска компјутерска мрежа, Михаил Хшановски се работи за први отворени огласи во осумгодишната историја на сајтот „Дижурнет.пл“, чии што експерти ги следат злоупотребите на интернетот.
-Тие огласи можат да бидат не само предвесник на нов алармантен тренд, туку и потврда дека тој феномен веќе постои во Полска – вели Хшановски.
Ирена Давид Олчик од фондацијата „Ла Страда“ која што им помага на проститутките, изјави дека оваа појава не мора да се карактеризира како трговија со луѓе.
-На мајката и е јасно дека не е во состојба да го одгледа детето и затоа бара соодветно семејство. Трговија на луѓе има дури кога лицето се злоупотребува и принудува на работа, питачење или шроституција – истакна таа.
Професорот, Марек Конопчињски по повод огласот вели дека она што предизвикува особено огорчување е тоа што детето се смета за производ за купопродажба.
Човечкиот живот не смее да биде предмет на трговија во ниту една форма. Појавата на овие огласи потврдува дека во трката за пари се гази еден од темелите принципи на моралот.
Елена Георгиевска