Полска денеска стана една од последните членки на Советот на Европа што се откажала од смртната казна.
Претседателот Бронислав Коморовски го потпиша протоколот на Конвенцијата за заштита на човекови права и основни слободи, документ со кој се укинува можноста за изрекување смртна казна во сите околности, вклучувајќи и во војна.
Полска го прифати протоколот уште во 2002 година, но дури неодамна заврши ратификацијата во двата дома на парламентот. Последната смртна казна во Полска е извршена на 21 април 1989 година, кога во Краков е обесен Станислав Чабански, осуден на смрт поради брутално силување и убиство на жена. Оттогаш судовите изрекле уште неколку смртни казни, но владата воведе мораториум за извршување на казните. Смртната казна беше забранета со нов закон од 1997 година, но не беа опфатени случаи во воени услови.
Протоколот број 13 сè уште не го потпишале Русија и Азербејџан, а Ерменија го потпишала, но не го ратификувала.