Полската Влада соопшти дека донела одлука да изгради шест конторлни кули за надгледување на границата со руската енклава Калининград.
Граничните кули ќе бидат високи од 30 до 50 метри, што ќе одговара на на висината на една голема зграда со 11 до 15 ката. Од кулите ќе им се испраќаат слики на граничарите кои ја надгледуваат 200 километри долгата граница на Полска со оваа територија, која е дел од руската држава.
Во објаснувањето на Владата во Варшава се вели дека станува збор за посебни мерки за обезбедување на границата, затоа што оваа гранична линија претставува надворешна граница на ЕУ.
За ова ќе се потрошат 14 милиони злоти, односно 3,8 милиони американски долари. Вкупно 75 отсто од средствата се од фондовите на ЕУ за обезбедувањето на надворешните граници на Унијата. Изградбата на шесте кули е предвидено да заврши до јуни оваа година.
Ваквата одлука на полската Влада доаѓа во време кога официјална Варшава тврди дека Русија во енклавата има инсталирано ракети со среден дострел.
Ракетите од типот „Искендер“ се инсталирани во време на мошне затегантите односи на Полска, Западот и НАТО со Русија, како последица на украинската криза. Полска, заедно со балтичките земји е најостриот критичар на Москва и заговара „тврда“ политика кон Русија, образложувајќи го тоа со наводната „руска закана“.
Енклавата Калининград, која излегува на Балтичкото Море, остана изолирана територија сместена меѓу Полска и Литванија, по распадот на некогашниот Советски Сојуз и независноста на земјите од Балтикот.
Регионот на Калининград е најзападната и најмалата област на Руската Федерација, каде Русија постојано организира воени вежби со стационирање на неколку илјади војници.
Руската анексија на Крим, поддршката на сепаратистите во источна Украина и честите воени вежби предизвикува немир кај балтичките земји и Полска. Заради стравот од можна војна со Русија, Полјаците почнаа масовно да се приклучуваат на паравоени групи.
Полска е поврзана со енклавата со четири гранични премини. Минатата година 3,2 милиони Полјаци и 3,3 милиони руски државјани поминале преку овие премини.