Независните полски медиуми денеска се појавија со црни насловни страници на протестот „Медиумите немаат избор“ и не известуваат поради новиот данок на реклами воведен од полската Влада.
„Медиумите немаат избор. Ова е местото каде што треба да биде нашата содржина. Доколку владата успее во своите планови, еден ден можеби нема да не видите. Можете да ја изгубите можноста да користите други независни медиуми и извори на информации”, пишува на интернет страницата на влијателниот независен дневен весник „Газета Виборча“ и повеќето независни медиуми во Полска, покрај отворено писмо до властите и политичките партии.
На овој масовен протест, покрај другите медиуми, се приклучија и главните приватни телевизии со национална фреквенција, ТВН и Полсат, така што денеска Полјаците се информирани исклучиво од провладини медиуми, државната телевизија ТВП, државното полско радио, државната новинска агенција ПАП и маргиналните провладини десничарски весници.
Данок на реклами во меидумите полската Влада го воведува место ветениот данок за технолошките гиганти, како Гугл, Фејсбук или Амазон, и тоа го правдаат токму со борбата наднационалните корпорации да почнат да плаќаат даноци. Новиот полскиот данок, меѓутоа, дозволува дел од собраните средства да одат во државниот фонд за култура од кој се финансираат некои полски медиуми, и тоа според слободното мислење на полските власти.
-Новиот данок за рекламирање треба да ги изедначи шансите на домашните компании со глобалните корпорации. Не може посиромашните да станат уште посиромашни затоа што богатите стануваат побогати, бидејќи и тие, исто така, треба да учествуваат во социјалниот и економскиот развој, изјави полскиот премиер Матеуш Моравиецки за новиот данок, пренесе полското радио.
Независните медиуми, меѓутоа, во нивното отворено писмо предупредуваат дека новиот данок, како што предвидува полската Влада, го продлабочува нееднаквиот третман на медиумите на полскиот пазар во ситуација кога државните медиуми добиваат дури половина милијарда евра од џебовите на секој Полјак, а приватните медиуми ќе бидат дополнително оптоварени со околу 250 милиони евра во нивните годишни пресметки.
„Тоа е едноставно почит кон полскиот гледач, слушател, читател и корисник на Интернет, а, исто така, и на полската продукција, култура, спорт и медиуми. Неговото воведување ќе значи ослабување или дури и ликвидација на дел од медиумите во Полска, што значи ограничување на способноста на општеството да изберат содржини што ги интересираат“, се наведува во отвореното писмо на приватната телевизија со национална фреквенција, инаку во полска сопственост, Полсат.
Медиумите на протестот „Медиумите немаат избор“ предупредуваат дека токму на овој начин премиерот Виктор Орбан успеа да ги уништи независните медиуми во Унгарија.