Полицијата во Чиле употреби солзавец и водени топови за да ги растера студентите и средношколците, кои на протести во Сантијаго бараа од претседателката Мишел Башеле да спроведе реформи во образованието.
На крајот од мирните демонстрации во кои учесуствуваа десетици илјади студенти, дојде до судири меѓу полицијата и група демонстранти.
Ова се првите студентски протести откако Башеле победи на изборите во декември минатата година. На нив демонстрантите ги повторија нивните претходни барања поради кои протестираат изминатите три години.
Во текот на интензивната предизборна кампања, претседателката вети сеопфатна реформа на образовниот систем, со цел високото образование веќе да не биде недостапно за сиромашните.
Организаторите на маршот тврдат дека на него имало повеќе од 100.000 учесници, додека полицијата наведува дека на протестот учествувале 40.000 лица.
Башеле, која вети бесплатно универзитетско образование во следните шест години, до Конгресот упати предлог за даночни реформи чија цел е собирање на 8,2 милијарди долари за таа и за други намени.