Топлотен бран зафати поголем дел од САД, пренесоа американските медиуми.
Метеоролозите предупредуваат дека засега нема шанси за дожд во засегнатите региони.
Повеќето од американските држави имаат по барем еден регион зафатен од жегата. Вчера беа регистрирани главно температури од 32 степени Целзиусови, а на места дури и до 38 степени Целзиусови.
Во Илиноис беа отворени центри за разладување. Во Калифорнија пожарникарите се борат со пожар што е во близина на Палм Спрингс, а од него веќе се уништени седум куќи.
Во регионот на Нова Англија беше регистрирано загадување на воздухот заради горештините. Во Индијана 300 лица беа евакуирани од една населба, откако снема струја заради прекумерната употреба на климатизери.
Во Њујорк се регистрирани 36 степени Целзиусови и таму уличните трговци на храна и напитоци ја прекинаа својата работа.
Њу Мексико и Тексас вчера беа едни од малкуте држави во земјата каде беше посвежо. Времето, меѓутоа, таму, исто така, создава загриженост, бидејќи во некои нивни делови имаше поројни дождови и на места беа упатени предупредувања за поплави.